Согласно Годишниот план за обуки на ИАРМ, во периодот од 27 – 29.05.2010 година, од страна на ИАРМ беше организирана тридневна Обука за оценувачи по стандардот EN ISO/IEC 17021:2006. Обуката се одржа во просториите на Тренинг центарот на ИАРМ. Истата беше изведена во соработка со Акредитационото тело на Република Бугарија (БАС), согласно Договорот за соработка во областа на акредитација, потпишан од страна на ИАРМ и БАС на 24.11.2008.
Учесници на обуката беа оценувачи, кандидати за оценувачи и експерти од Пулот на оценувачи и експерти на ИАРМ, редовно вработени во ИАРМ и надворешни лица. Како предавачи на обуката се вклучија претставници на Акредитационото тело на Република Бугарија (БАС) и претставници од Институтот за акредитација на Република Македонија (ИАРМ).
Целта на обуката беше учесниците да се стекнат со знаења од барањата на стандардот EN ISO/IEC17021 за акредитација на сертификациони тела за системи за управување и начинот на оценување на барањата на стандардот EN ISO/IEC 17021, како и да се запознаат со дополнителните барања дефинирани во документите на регионалните и меѓународните организации за акредитација (EA-Европската организација за акредитација и IAF-Меѓународниот акредитационен форум). Покрај тоа, сите учесници се запознаа со Законските и статутарните аспекти на акредитацијата, со процесот на акредитација, процедурата и методологијата на оценување и барањата за компетентност на оценувачите на ИАРМ.
На крајот на обуката на сите учесници кои редовно присуствуваа на обуката и активно учествуваа во дискусиите и изработката на вежбите, им беше доделен Сертификат. Овој сертификат, како и знаењата стекнати во тек на обуката, на учесниците им дава можност да бидат ангажирани како оценувачи, кои ќе бидат вклучени во оценувачките активности на ИАРМ при акредитација на сертификациони тела за системи за управување (пр. ISO 9001, ISO 14001, ISO 22000, OHSAS и др.), доколку ги исполнат и останатите критериуми дефинирани во процедурите на ИАРМ за селекција, обука и оцена на работата на оценувачите.