На 13 октомври 2016г во просториите на Институтот за акредитација на Република Македонија (ИАРМ) се одржа Тркалезна маса во рамки на Проектот на ИАРМ за соработка со јавниот сектор, на тема ,,Акредитација на сертификациони тела согласно MKC EN ISO/IEC 17021, MKC EN ISO/IEC 17065 и MKC EN ISO/IEC 17024, наменета за вработените од јавниот сектор.
Имено, за учество на Тркалезната маса беа поканети претставници од јавниот сектор каде во работниот процес се сретнуваат со акредитацијата, односно акредитирани сертификациони тела, од следниве институции: Министерство за земјоделие, шумарство и водостопанство, Агенција за храна и ветеринарство, Министерство за здравство на РМ, Министерство за економија, Министерство за финансии, Царинска управа на РМ, Биро за јавни набавки, Државен пазарен инспекторат, Министерство за информатичко општество и администрација, Министерство за животна средина и просторно планирање и Министерство за транспорт и врски.
На настанот преку стручни презентации и плодна дискусија беа обработени прашања за правилен пристап, третман и процена на значењето на акредитацијата.
Беа презентирани сите типови на сертификациони тела и стандардите за акредитација на сертификациони тела. Се дискутираше за тоа кои се придобивките за регулаторите од користењето на акредитирано сертификационо тело, што треба да се земе предвид при изборот на сертификационо тело и како да се направи правилен избор на сертификационо тело.
Правилното ползување на придобивките од акредитацијата е од повеќестрано значење, и тоа како за: правилно и законито работење на јавниот сектор, правилен пристап и третман на документите издадени од акредитирани сертификациони тела, така и за крајните корисници на услугите-граѓаните и компаниите.
Оттука, очекуваниот ефект е придонес на ИАРМ за обезбедување на непречено функцинирање на врската на релација: стопанство – органи на извршна власт, и подобрување на ефективноста, ефикасноста и рационалноста во работата на јавните служби.
Следната Тркалезна маса на која ќе се обработуваат прашања поврзани со работата на акредитираните инспекциски тела ќе се одржи во ноември 2016г. во просториите на ИАРМ.
Со почит од ИАРМ