Институтот за акредитација на Република Македонија (ИАРМ) во соработка со Македонското здружение на лаборатории и инспекциски тела (МАКЛАБ), организира Втора Меѓународна конференција на тема ,,Квалитет и компетентност 2015”.
Тематските целини на Конференцијата имаат за цел развој и унапредување на квалитетот и компетентноста на лабораториите и инспекциските тела, преку презентирање на теми значајни за лабораториската пракса и размена на искуства помеѓу лабораториите, инспекциските тела и институциите од регионот и пошироко.
Исто така, во рамките на настанот, ИАРМ го организира и одржувањето на редовната Регионална средба на телата за акредитација. Средбата се организира врз основа на Договорите за билатерална соработка на националните тела за акредитација од регионот. Тркалезната маса, како посебна тематска целина на Конференцијата на која ќе се дискутира по прашања за меѓусебната соработка на националните тела за акредитација, ќе се одржи на 18.09.2015г.
Конференцијата ,,Квалитет и компетентност 2015” ќе се одржи од 17-19 септември 2015г., во хотел Метропол, Охрид, Република Македонија.
Заинтересираните лица, на Конференцијата можат да учествуваат и со презентација на трудови од своја област.
По тој повод, Ве покануваме да земете учество на Конференцијата, а подетални информации за организацијата дадени се во Поканата и Пријавата за учество, достапни на интернет страната на ИАРМ и интернет страната на МАКЛАБ:www.maklab.org