
Под мотото Акредитација:,,Зајакнување на утрешнината и обликување на иднината”, со пригодна свеченост на 10 јуни 2024 година, Институтот за акредитација на Република Северна Македонија (ИАРСМ) го одбележа Светскиот ден на аредитацијата.
На настанот присуствуваа бројни гости – претставници на Владата на Република Северна Македонија, министерствата, јавниот и приватниот сектор, научно-образовни институции, здравствени установи, соработници, претставници на бизнис на заедницата, претставници на телата за акредитација од регионот, претставници на телата за оцена на сообразност и претставници на медиумите.
Во контекст на годинашното мото, настанот беше поздравен од:
– г-дин Методија Димовски– Генерален секретар на Владата на Република Северна Македонија
– г-ѓа Ариета Миеле, менаџер за квалитет на Директоратот за акредитација на Албанија (DPA),
-г-дин Ирфан Липовица, в.д. директор на Агенцијата за акредитација на Косово (АКА),
– проф.д-р Дејан Крњаиќ– професор на Ветеринарниот факултет во Белград и технички оценувач за лаборатории за тестирање,
– г-дин Слободен Чокревски – директор на ИАРСМ.
Пред широкиот аудиториум, проф.д-р Дејан Крњаиќ одржа стручно предавање на тема ,,Стандарди, оценување, усогласеност и акредитација-нови предизвици”.
Свое поздравно обраќање имаше и г-дин Миле Бошков, кој во име на Бизнис конфедерацијата на Северна Македонија ја врачи наградата за општествена одговорност односно за добри општествени практики на Институтот за акредитација на Република Северна Македонија.
Во рамки на свеченоста беа промовирани: редовното издание на Билтенот за 2023 година, брошура и видео материјал на тематика на годинешното мото, како и наменски брошури за акредитација на производители на референтен материјал и акредитирана сертификација на лица, а за достигнувањата и планираните активности на Институтот, говореше директорот на ИАРСМ.
На свеченоста беа официјално промовирани акредитираните и реакредитираните тела за оцена на сообразност во периодот јуни 2023 – мај 2024 година.







