Институтот за акредитација добитник на пофалница за високи резултати во управувањето со квалитет во јавниот сектор

Освоено трето место според Индексот на квалитет во јавниот сектор за 2025 година

По повод Денот на јавната администрација, кој годинава беше одбележан под мотото „Доверба, интегритет и резултати: темели на модерна и европска јавна администрација“, Министерството за јавна администрација додели признанија на институции кои постигнале високи резултати во управувањето со квалитет во јавниот сектор.

Во рамки на свеченоста, министерот за јавна администрација, Горан Минчев, врачи пофалница на Институтот за акредитација за освоено трето место според Индексот на квалитет во јавниот сектор за 2025 година и за постојан стремеж кон унапредување на јавната администрација.

Добиената пофалница претставува значајно признание за континуираните заложби на Институтот за примена на принципите на квалитетно управување, професионалност, ефикасност и транспарентност во работењето. Истовремено, таа е потврда за посветеноста на Институтот кон постојано унапредување на процесите и услугите во согласност со најдобрите европски практики и стандарди.

Како национално тело за акредитација, Институтот за акредитација останува посветен на јакнењето на системот на квалитет, градењето доверба во акредитацијата и поддршката на развојот на современа, ефикасна и професионална јавна администрација во Република Северна Македонија.

Институтот упатува благодарност за укажаното признание, кое претставува дополнителен поттик за понатамошно унапредување на работата и остварување на својата мисија во интерес на граѓаните, институциите и стопанството.