Седма меѓународна конференција „Квалитет и компетентност 2026“

Во организација на Институтот за акредитација на Република Северна Македонија (ИАРСМ) и Македонското здружение на лаборатории и инспекциски тела (МАКЛАБ), од 15 до 17 октомври 2026 година, во хотелот „Силекс“ во Охрид, се одржа Седмата меѓународна конференција „Квалитет и компетентност 2026“.

Конференцијата и оваа година привлече значителен интерес кај домашните и меѓународните субјекти од областа на квалитетот и акредитацијата. На настанот учествуваа претставници на европската асоцијација ЕУРОЛАБ, националните здруженија на лаборатории од Македонија, Хрватска, Германија и Турција, телата за акредитација од Македонија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, како и претставници на лаборатории за тестирање и калибрација од земјата и регионот.

На свеченото отворање поздравни обраќања имаа директорот на ИАРСМ, м-р Нико Берберу, м-р Магдалена Трајковска Трпевска – претседател на МАКЛАБ, Андреас Кинзел – претседател на ЕУРОЛАБ, м-р Драган Пушара – директор на српското акредитациско тело АТС, д-р Дражан Приморац – директор на босанското акредитациско тело БАТА, Анита Крулановиќ – директорка на црногорското акредитациско тело АТЦГ, како и претставници на КРОЛАБ и ТУРКЛАБ. Во обраќањата беше истакнато значењето на меѓусебната соработка и размената на искуства во насока на унапредување на квалитетот и компетентноста на лабораториите и телата за оцена на сообразност.

Тематските целини на Конференцијата беа:

  • Инфраструктурата за квалитет и хармонизација на принципите за евалуација и акредитација;
  • Дигитализација и примена на вештачка интелигенција во лабораториите;
  • Одржливост и добри практики во лабораториите;
  • Искуства на лабораториите во примена и одржување на системите за квалитет.

Во рамките на конференцијата беа презентирани вкупно 18 стручни и научни трудови од домашни и меѓународни автори, кои опфатија актуелни прашања поврзани со акредитацијата, примената на меѓународните стандарди, дигитализацијата, вештачката интелигенција, заштитата на животната средина и унапредувањето на лабораториските процеси.

Значајно учество во стручниот дел имаше и ИАРСМ, преку презентациите на Сандра Костеска на тема „Земање на примероци од животна средина – важна алатка за проценка и управување со еколошките ризици, обезбедување на јавното здравје и донесување на регулаторни одлуки“ и Теодора Ташевска на тема „Акредитација на мислење и толкување од страна на ИАРСМ“.

Целта на Конференцијата беше размена на научни сознанија, стручни искуства и добри практики, како и придонес кон развојот и унапредувањето на квалитетот и компетентноста на лабораториите и инспекциските тела, јакнењето на инфраструктурата за квалитет и унапредувањето на соработката на национално и меѓународно ниво.

Со своето активно учество како коорганизатор, ИАРСМ уште еднаш ја потврди својата посветеност на промовирањето на акредитацијата, унапредувањето на компетентноста на телата за оцена на сообразност и развојот на регионалната и меѓународната соработка во областа на квалитетот.