Одржана првата Меѓународна конференција за “Квалитет и компетентност 2013“

Во организација на Институтот за акредитација на Република Македонија (ИАРМ) и Македонското здружение на лаборатории (МАКЛАБ) од 13 до 15 јуни 2013г., во хотел Метропол Охрид, се одржа Меѓународната конференција на тема ,,Квалитет и компетентност 2013”.
Конференцијата, која за првпат од ваков карактер беше организирана во земјава, предизвика значителен интерес кај заинтересираните субјекти пред се кај лабораториите и инспекциските тела, но и кај државните институции.
Настанот официјално беше отворен од страна на: Заменик министерот за животна средина и просторно планирање при Владата на Република Македонија, г-дин Стево Темелковски, државниот секретар при Министерството за земјоделство на Република Србија, г-дин Дејан Крњаиќ, Претседателот на Европското здружение на лаборатории ЕУРОЛАБ, г-дин Јири Собола, Претседателот на Советот на ИАРМ м-р Борче Размоски и Претседателот на МАКЛАБ, м-р Магдалена Трајковска Трпевска. Свои презентации имаа и претставници од министерствата за економија на Република Македонија и Република Хрватска.
Согласно тематските целини:
– Улогата и значењето на акредитацијата
– Европското Законодавство и инфраструктурата за квалитет
– Искуства од имплементацијата на системите за квалитет
– Улогата на лабораториите во испитување на квалитетот и безбедноста на храната
– Испитување и контрола на квалитетот на животната и работната средина, беа презентирани преку 30 трудови од домашни и меѓународни автори.
Целта на Конференцијата беше обезбедување придонес за развој и унапредување на квалитетот и компетентноста на лабораториите и инспекциските тела, лабораториската пракса и размена на искуства помеѓу лабораториите, инспекциските тела и институциите од регионот и пошироко и секако унапредување на севкупниот квалитет на живеење.
Во рамките на настанот, ИАРМ беше домаќин на редовната Регионална средба на телата за акредитација. Средбата редовно се организира врз основа на Договорите за билатерална соработка на националните тела за акредитација од регионот (Србија, Хрватска, Црна гора, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Турција, Бугарија и Молдавија).