Акредитација на лабораторијата за форензика при МВР

Институтот за акредитација на Република Македонија ја акредитираше првата лабораторија од областа на форензиката: “Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења“ при Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, односно “Лабораторијата за биолошки испитувања и ДНК идентификација“, “Лабораторијата за токсикологија и дроги“ и “Лабораторијата за испитување спорни документи“.
Свеченото доделување на сертификатот за акредитација се изведе на 26.07.2016 во просториите на министерството, на коe присуствуваа министерот за внатрешни работи м-р Митко Чавков, директорот на Бирото за јавна безбедност м-р Горанче Савовски, Началникот на Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења д-р Слободан Оклевски и директорот на Институтот за акредитација на Република Македонија д-р Трпе Ристоски.
Министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, истакна дека со сертификатот за акредитација се потврдува компетентноста на вработените за изведба на методите за анализа и за вештачење на доказниот материјал, а воедно, се зголемува и довербата во лабораториските резултати кои стануваат меѓународно признати. Исто така, акредитацијата ќе овозможи континуитет во членството на форензичките лаборатории во најреномираната европска асоцијација од областа на форензиката, односно Европската мрежа на форензички научни институти – ЕНФСИ.
Директорот на Институтот за акредитација д-р Трпе Ристоски, истакна дека акредитацијата на Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења претставува особен предизвик за Институтот, имајќи ја во предвид спецификата на тестирањата/испитувањата кои се вршат во Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења. Со оваа акредитација, лабораториите стануваат препознатливи во европски и светски рамки во областа на криминалистичко-техничките испитувања, а сертификатот за акредитација претставува условно членство во сите меѓународни организации од областа на форензиката. Целокупната постапка за акредитацијата се реализираше со домашни и странски оценувачи.