Известување за примена на МКTС CEN/TS 15675:2009

 

На 21-то генерално собрание на ЕА одржано на 28 и 29 мај 2008 година во Естонија одлучено е дека од 31-ви октомври 2009 година телото за акредитација кога акредитира лаборатории за тестирање во областа емисија на загадувачки материи во воздухот од стационарни извори, мора да ја користи покрај стандардот МКС EN ISO/IEC 17025:2006 и техничката спецификација МКTС CEN/TS 15675:2009.

Техничката спецификација МКTС CEN/TS 15675:2009 ги надополнува барањата на стандардот МКС EN ISO/IEC 17025:2006 и истата е соодветна за докажување на компетентност на лабораториите кои вршат периодични мерења на емисија од стационарни извори, вклучувајки земање примероци и понатамошна анализа на гасови и честички, како и одредување на референтни големини како што се температура, притисок, количина на водена пареа и кислород во тестираното подрачје. Оценувањето  на лабораториите за тестирање во согласност со барањата на МКTС CEN/TS 15675 ќе се изведе како проширување на опсегот на акредитација за сите акредитирани лаборатории за тестирање. При поднесување на пријава за акредитација/ проширување на опсегот на акредитација/реакредитација лабораторијата мора да нагласи дека сака да биде оценета и во согласност со барањата на  МКTС CEN/TS 15675:2009. Лабораториите мора да ја достават целокупната неопходна документација до ИАРМ во период предвиден со процедурите на ИАРМ. Сведочењето на персоналот кој врши тестирање/мерење на терен ќе биде задолжително при овие оценувања. По завршување на оценката, а врз основа на донесената одлука за акредитација, ќе се издаде нов прилог кон сертификатот за акредитација во кој ќе стои јасна идентификација на МКTС CEN/TS 15675:2009.

Сите лаборатории за тестирање, акредитирани согласно стандардот МКС EN ISO/IEC 17025:2006, а кои во опсегот на акредитација имаат отпаден гас, односно вршат периодични мерења на емисија од стационарни извори, мора да бидат оценети до 31.05.2017 година за да се утврди дали ги исполнуваат и барањата на МКTС CEN/TS 15675.

Почнувајки од 01.02.2016 година ИАРМ сите оценувања на лабораториите за тестирање кои вршат периодични мерења на емисија од стационарни извори ќе ги реализира со користење на  МКС EN ISO/IEC 17025:2006 и МКTС CEN/TS 15675:2009. На 31.05.2017 година ИАРМ на сите лаборатории за тестирање, кои се акредитирани за периодични мерења на емисија од стационарни извори, а не се оценети за да се утврди дали ги исполнуваат и барањата на МКTС CEN/TS 15675:2009 ќе изврши:

  • скратување на опсегот на акредитација; или
  • повлекување на акредитацијата (во случај кога акредитираната лабораторија за тестирање врши само ваков тип на тестирања/мерења).

ПР 05-13 Процедура за примена на МКТС CEN/TS 15675:2009 во постапка на акредитација на лаборатории за тестирање на емисии од стационарни извори