Одржана Втората Меѓународна конференција за “Квалитет и компетентност 2015“

Во организација на Институтот за акредитација на Република Македонија (ИАРМ) и Македонското здружение на лаборатории (МАКЛАБ) од 17 до 19 септември 2015г., во хотел Метропол, Охрид, се одржа Втората Меѓународна конференција на тема ,,Квалитет и компетентност 2015”.Конференцијата, која по втор пат беше организирана во земјава, предизвика широк интерес кај заинтересираните субјекти пред се кај лабораториите и инспекциските тела, но и кај државните институции и други субјекти-чинители на националната инфраструктура за квалитет.
Настанот официјално беше отворен од страна на: Заменик министерот за животна средина и просторно планирање при Владата на Република Македонија, г-дин Стево Темелковски.
Исто така, свои пленарни обраќања имаа и д-р Трпе Ристоски– Директор на ИАРМ, м-р Магдалена Трајковска Трпевска-Претседател на МАКЛАБ и г-дин Давор Звиждиќ, Претседател на Хрватското здружение на лаборатории КРОЛАБ.
И годинава, тематските целини на Конференцијата:
– Европските насоки за обезбедување на квалитет и нивна имплементација во домашното законодавство
– Улогата и значењето на акредитацијата
– Искуства од имплементацијата на системите за квалитет
– Улогата на лабораториите во испитување на квалитетот и безбедноста на храната
– Испитување и контрола на квалитетот на животната и работната средина,
го предизвикаа интересот на бројни домашни и меѓународни автори, па на Конференцијата беа презентирани вкупно 35 трудови пред околу 120 учесници.
Целта на Конференцијата беше обезбедување придонес за развој и унапредување на квалитетот и компетентноста на лабораториите и инспекциските тела, лабораториската пракса и размена на искуства помеѓу лабораториите, инспекциските тела и институциите од регионот и пошироко и секако унапредување на севкупниот квалитет на живеење.
Во рамките на настанот, ИАРМ беше домаќин на редовната Регионална средба на телата за акредитација. Средбата редовно се организира врз основа на Договорите за билатерална соработка на националните тела за акредитација од регионот и пошироко (Србија, Хрватска, Црна гора, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Турција, Бугарија и Русија).