Потпишан Меморандум за соработка со Федералната служба за акредитација на Руската Федерација

Институтот за акредитација на Република Македонија (ИАРМ) потпиша Меморандум за разбирање со Федералната служба за акредитација на Руската Федерација. Меморандумот е потпишан во рамки на осмата седница на меѓувладината Руско-Македонска комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка, што се одржа на 29 и 30 септември 2014 во Калининград, Руска Федерација. Со седницата претседаваа Заменик Претседателот на Владата на Република Македонија и министер за финансии г-дин Зоран Ставрески и Заменик министерот за правда на Руската федерација г-дин Максим Травников.  Работните групи на високите меѓувладини делегации дискутираа на повеќе значајни теми од заеднички интерес, како што се:- главни правци и перспективи на развојот на трговско-економската соработка помеѓу двете економии, енергетиката, транспортот, земјоделството и воено-техничката соработка. Притоа, особено беше поздравено потпишувањето на Меморандумот за разбирање помеѓу националните тела за акредитација на Република Македонија и Руската федерација. Потпишувањето на овој Меморандум е израз на добрата волја на потписниците за воспоставување на информативна, аналитичка и организациска соработка во областа на акредитацијата, во согласност со релевантните документи на меѓународните и регионалните организации за акредитација. Главните правци на соработка се размена на искуства и информации во врска со акредитирањето на телата за оцена на сообразност, размена на оценувачи, организирање обуки, работилници, семинари и конференции со тематика на прашања од заеднички пројавен интерес, засилување на соработката на економски план помеѓу двете економии, особено преку елиминирање на техничките бариери во трговијата преку процесот на оцена на сообразност. Воедно, со потпишувањето на Меморандумот, ИАРМ ја проширува билатералната соработка, што како цел е содржано и во Годишната програма за работа на ИАРМ во 2014 и е составен дел од стратегијата за ефективна соработка со националните тела за акредитација ширум светот. Исто така, во рамки на седницата беше организиран и одржан семинар на тема ,,Хармонизација на националните системи за акредитација на земјите од евроазискиот регион”, на кој учествуваа претставници на телата за акредитација од Русија, Белорусија, Казахстан, Киргистан, Молдавија и Ерменија. На семинарот, директорот на ИАРМ д-р Трпе Ристоски имаше посебно излагање на кое го презентираше националниот систем за акредитација во Република Македонија при што беше промовиран и промотивниот видео материјал за работата на ИАРМ.