Соработка со Сојузот на стопански комори на Македонија

Во рамки на воспоставената соработка помеѓу Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) и Институтот за акредитација на Република Македонија (ИАРМ) на 15 јуни 2016 година се одржа прес конференција под насловот ,,Акредитацијата – поддршка за јакнење на домашното стопанство и пасош за слободен излез на странските пазари“.

 

Целта на конференцијата беше акцентирање на улогата на акредитацијата како меѓународно призната и докажана алатка за градење на здраво и конкурентно домашно стопанство и поддршка на идејата за слободна трговија, непречено движење на стоки и услуги во светски рамки. Како резултат на работата на Институтот за акредитација на Република Македонија, како единствено национално тело за акредитација признато во меѓународните организации за акредитација, акредитацијата како алатка и придобивките од неа им се непречено достапни на домашните стопански субјекти заинтересирани да понудат или користат акредитирани услуги за инспекција, тестирање, калибрација и сертификација на пазарот.

 

Благодарение на полноважноста на меѓународните договори за взаемно признавање на резултатите од акредитациите EA-MLA, ILAC-MRA и IAF-MLA за областите: тестирање, калибрација, инспекција, сертификација на производи, медицински лаборатории, чиј потписник е Институтот за акредитација на Република Македонија со меѓународните организации за акредитација, домашните производи и услуги при извозот и пласманот на странските пазари придружени со документи издадени од акредитираните македонски тела за оцена на сообразност, немаат потреба од нивно повторно испитување, тестирање, сертифицирање.

 

Исто така, како активен партнер на стопанството, ИАРМ во соработка со Сојузот на стопанските комори на Македонија на 23.06.2016г. одржа обука на тема ,,Акредитацијата – поддршка на здравата домашна економија и непречена конкурентност на македонските компании на странските пазари“.

 

Предавач на обуката беше Драган Велевски – Раководител на сектор за акредитација на лаборатории и менаџер за квалитет на ИАРМ. На истата беа обработени прашања во врска со значењето на акредитацијата, постапката за акредитација, областите во кои таа се применува и придобивките од неа за стопанството.

 

Крајната цел на обуката беше да им се обрне внимание на стопанствениците за користење на акредитацијата како полесен начин за обезбедување поголема конкурентност од аспект на квалитет на производите и услугите што ги нудат на домашниот и на странските пазари.