Меморандум за соработка помеѓу Институтот за акредитација на Република Северна Македонија и Институтот за применети истражувања за бизнис – Скопје

Институтот за акредитација на Република Северна Македонија (ИАРСМ) и Институтот за применети истражувања за бизнис Скопје (научно-истражувачка институција, партнер на TUV Nord) на 24 февруари 2022 година потпишаа Меморандум за соработка. 

Потпишувањето на Меморандумот е израз на добрата волја на потписниците за воспоставување на деловна соработка, со цел да се обезбедат подобри услови за квалитетно континуирано професионално усовршување на: вработените во Институтот за акредитација, технички оценувачи, водечки оценувачи, експерти, како и на технички персонал од телата за оцена на сообразност (технички раководители и придружен технички персонал, менаџери за квалитет). Усовршувањето вклучува континуирана обука, размена на експертски искуства и знаења во врска со барањата на меѓународните стандарди и важечки политики и процедури за акредитација на тела за оцена на сообразност.

Согласно потпишаниот Меморандум, континуираното професионално усовршување ќе се реализира преку организирање на обуки, работилници, семинари, симпозиуми, академии и други форми на неформално образование, со учество на реномирани домашни и странски експерти од соодветната област, а особено од портфолиото на TUV Nord.

Очекуваниот ефект е зајакнување и надградба на компетенциите на заинтересираните страни и чинители во процесот на акредитација и придонес на ИАРСМ како стратешки партнер на телата за оцена на сообразност и зајакнување на инфраструктурата за квалитет.