Светски ден на акредитацијата – 2025

Акредитацијата како заштитник на квалитетот, ја одредува техничката компетентност, интегритет и непристрасност на организациите што обезбедуваат услуги за оцена на сообразност, како што се тестирање, калибрација, сертификација и инспекција.

Акредитацијата, поткрепена со меѓународно договорени стандарди, е додадена вредност на бизнисите кои се стремат да ја максимизираат вредноста и да ги исполнат договорните услови, додека одржуваат ниво на доверба дека производите, услугите и процесите ги исполнуваат техничките спецификации и се безбедни за употреба.

Голем процент од производството, трговијата и услугите вклучуваат елементи на активности за тестирање, калибрација, инспекција и сертификација, колективно познати како оцена на сообразност.

 

Акредитацијата е независна евалуација на овие тела за оцена на сообразност во однос на глобално признатите стандарди за да се обезбеди нивната непристрасност, компетентност и конзистентност.

Затоа, акредитацијата има извонредно важна улога во намалувањето на трошоците за производство, трговија и водење бизнис, подобрувањето на трансферот на технологија и зголемувањето на инвестициите.

Во изминатава година македонскиот институт за акредитација успешно ги надмина сите предизвици од намалениот капацитет на вработени, галопирачката инфлација, преселувањето во привремените простории и се останатo.

Акредитацијата им овозможува на бизнисите да се интегрираат во глобалните трендови, со што можат да го демонстрираат квалитетот на производот преку заедничкиот – „технички јазик“ неопходен за воспоставувањето на довербата помеѓу деловните партнери.

Извештај, изработен од Одделот за економски истражувања и статистика на Светската трговска организација, наведува дека несоодветната примена на оцена на сообразност претставува значаен дел од специфичните трговски проблеми.

Токму акредитацијата дава можност за решавање на овие проблеми.

Македонскиот институт за акредитација како национално тело во процесот на акредитација на македонското стопанство и рамноправна членка на големото европско и глобално семејство, а во склоп на одбележување на Светскиот ден на акредитацијата, заедно со останатите национални тела за акредитација на планетата Земја за оваа 2025 година прославува под мотото :

Акредитација: Зајакнување на малите и средните претпријатија

Како интегрален дел на големото семејство на Европската акредитација, Меѓународната организација за акредитација на лаборатории и Меѓународниот форум за акредитација , македонскиот национален иститут за акредитација се приклучува на оваа порака респектирајќи ги малите и средните претпријатија како важни двигатели на прогресот на македонското стопанство.

Малите и средни претпријатија како двигатели на прогресот, иноватори и креатори на нови работни места се столбот на македонското стопанство.

Македонскиот институт за акредитација како витален и незаменлив дел на македонската инфраструктура за квалитет, развива значаен систем за менаџмент на квалитетот.